Сосем е нормално да постојат предрасуди – сепак, луѓе сме и наклонети кон нив. Но кога еден автомобил толку успешно ќе успее да ги разбие тие предрасуди, тогаш тој автомобил заслужува сериозно внимание.
Новиот дизајнерски стил на Хјундаи можеби не е по сечиј вкус, но уште на прв поглед Elantra оддава впечаток на складно дизајниран и привлечен автомобил. Без никаква хипербола ќе кажеме дека возејќи се низ Македонија приметивме дека Elantra ги привлекува и задржува погледите на минувачите. Дури ни се случи и да семафор да не прашаат за кој автомобил се работи, а на неколкумина не им се веруваше дека станува збор за модел на Корејскиот производител.
Да, Hyundai Elantra привлекува внимание како ниеден Hyundai досега, и тоа е исклучиво за пофалба. Дизајнерите успешно си ја завршиле работата и дизајнот е полн погодок! Флуидните линии и долго развлечените предни и задни светлосни елементи му даваат доза на визуелна големина која само го подобрува впечатокот.
Слична е приказната и во внатрешноста. Одамна не сме биле волку пријатно изненадени од нивото на квалитет на користени материјали, како и ергономијата на контролите. Скоро се е онаму каде што го побаравме, а контролите се прегледни и лесни за користење. Особено ни се допадна и чувството кое го оддаваат сите копчиња во внатрешноста и начинот на кој реагираат кога се притиснати. Како и кај сестринската компанија Киа, влијанието на Шрејер во производниот процес е забележително!
Всушност, единствената замерка која ја имаме за контролите во внатрешноста е дека копчето за отклучување и заклучување на вратите е неосветлено, и дека можеби нема да успеете да го најдете кога е темно, но штом ќе ја запомните неговата локација, веќе не е проблем.
И кога веќе зборуваме за копчињата, да нагласиме дека Elantra е навистина добро опремена. Моделот кој ние го имавме на тестирање дојде со клима уред, радио-CD со команди на воланот, влез за надворешен музички уред, електрични ретровизори и прозорци, цела лепеза безбедносни системи и уште могу други ситници кои живот значат!
На задната клупа има доволно простор, дури и кога на предните седишта седи некој повисок. За жал, силуетата на автомобилот „јаде“ добар дел од просторот за глава, па ако на задната клупа седи некој повисок ќе го допира кровот со врвот од главата.
Багажниот простор е задоволувачки голем, и со капацитет од 485 литри, доволно обемен за да го собере сиот багаж за едно фамилијарно патување. Но мораме да забележиме на формата на отворот на багажниот простор, која нема да ви дозволи да ставите во багажникот некој поголем предмет или да пренесете нешто големо. Ќе забележиме и на столбовите на отворот на багажниот простор кои влегуваат длабоко во багажникот кога ќе го затворите, па можеби ќе ви ги поматат плановите и наредениот товар.
На пат Elantra се однесува токму онака како што би очекувале од еден фамилијарен седан. Возењето е комфорно и тивко, но заради прекумерната наклонетост кон комфор, навалувањето во свиоците е приметливо и изразено. Низ управувачот не се добиваат никакви повратни информации, па не влева доволно доверба во возењето. Како управувачот да не е поврзан со тврд материјал, туку со гума. Но сепак, се работи за фамилијарен седан, па не можеме ни да очекуваме да има било какви спортски карактеристики. Од друга страна, менувачот е одличен – навистина прецизен и со позитивен, механички од кој точно ви кажува во која брзина сте – и би го споредиле со најдобрите во класата!
Моторот е 1.6 литарски, со 130 коњски сили, кои се достапни на високи 6300 вртежи, и треба моторот добро да се навие за да се добијат понудените перформанси, а во такви услови моторот е бучен и не му одговара на профилот на автомобилот. Сметаме дека подобар избор би бил најавениот турбодизел агрегат кој со поголемиот вртежен момент повеќе би одговарал на лежерниот стил на оваа лимузина. Со овој мотор Elantra забрзува до 100 километри на час за 10.7 секунди и има максимална брзина од 200 километри на час.
Оноа што навистина не израдува е потрошувачката на Elantra, која во различни услови и стилови на возење, како во градските гужви, така и на отворено не надмина повеќе од 8 литри безоловен на 100 изминати километри при комбинирано возење.
На крајот на денот, Elantra е автомобил кој совршено ќе ги задоволи потребите на оние на кои им е потребна фамилијарна лимузина со многу простор, одлична удобност, многу опрема и добар дизајн. За пофалба во скоро секој поглед!
Повеќе детали:
- Мотор: 1.6-литарски бензински агрегат.
- Моќност: 130 коњски сили / 6300 вртежи.
- Вртежен момент: 160 Nm / 4850 вртежи.
- Максимална брзина: 200 километри на час.
- Забрзување 0-100: 10.7 секунди.
- Багажник: 485 литри.
- Потрошувачка: 8.5 / 6.4 / 5.2 литри (официјална) 8 литри (измерена).
- Цена на тестираниот модел: 15.550 евра.
Фотографија: Кристијан Ивановски