Конечно дојде време да го прикажеме и вториот чин од претставата „Исто е, ама не е исто!“, на големо задоволство на некои од нашите членови на форумот.
Пред извесно време, во првиот чин на оваа претстава (потсетување тука), продискутиравме за визуелните разлики помеѓу овие два, речиси идентични близнаци. Рака на срце, немаше многу разлики, додека и тие што постоеја, беа со маргинална оддалеченост една од друга. Се разбира дека дополнителните модификации не ги вклучуваме во директната споредба, туку се осврнуваме на „фабричките“ верзии од автомобилите. Сега, време е да ги отвориме широко вратите, и да погледнеме што кријат близначињата.
Како што рековме, постариот близнак датира од 2008-ма година, и е во изведба Cosmo, додека помладиот, датира од 2010 година, и е во изведба Enjoy (Classic III). Прва и најмаркантна разлика во ентериерите, несомнено се седиштата, кои во Cosmo се нарачани како посебна дополнителна опрема, бидејќи се работи за анатомски Recaro седишта. Седиштата се толку добри, што со задоволство би ја тргнале гарнитурата од дневната соба, за да направиме место за оваа „постава“, со цел да бидат почесто дел од нашиот живот, а не само додека сме во автомобилот.
Одиме понатаму… Самото отворање на предните врати на Cosmo, е проследено со иницијалниот шок, поради седиштата, кои навистина не би ги очекувале во еден секојдневен семеен хечбек, но како што рековме, се работи за посебна порачка. Потоа, на самиот „влез“, не’ пречекува една декоративна лајсна, која додава +1 на префинетост и елеганција. Ситен, но убав детаљ. Арматурната табла кај Cosmo, го негува егото на сопственикот уверувајќи го во вистинскиот избор, благодарение на црната лакирана пластика, која ја гледаме и на воланот, нежните алимуниумски прстени околу инструментите, греачите на седиштата, прегледниот дисплеј итн. Понатаму, кај оваа изведба, имаме амбиентално светло, паркинг позиција, држач за наочари, светла кај сонцобраните, двојна звучна изолација, автоматска клима и триделна задна клупа (40:20:40).
Во кабината на Astra Cosmo навистина се чувствувате одлично. Некако целиот простор зрачи со аура на префинетост, и комбинацијата од сите ситни, и не толку ситни детали, карактеристични за изведбата Cosmo, резултира со еден прекрасен ентериер. Се’ на се’, навистина прекрасно место „за живеење“! Единствена забелешка и’ наоѓаме на токму на лакираната пластика, која е магнет за отисоци. Моравме да најдеме барем нешто, нели? :)
Кај Classic III, ситуацијата е малку поинаква… Значи уште веднаш да расчистиме, „поинаква“, а не „лоша“! Ентериерот е многу „понормален“ од оној на Cosmo. Светлата пластика на воланот и на средишната конзола, му вдахнува живот на предниот дел на кабината, додека за разлика од кај Cosmo, тука ги немаме декоративните прстени на инструментите, климата е со рачно подесување, дисплејот е голем и прегледен, но со погруба изведба на самите електронски елементи итн. Задната клупа е дводелна (60:40), нема амбиентално светло, ја нема декоративната лајсна кај предните прагови, нема двојна звучна изолација, нема држач за очила, туку на негово место имаме рачка за придржување, и на крај, нешто што можеби е од клучна важност кај понежниот пол, кај сонцобраните нема светло.
За разлика од Cosmo, ентериерот на Classic III се чувствува за нијанса „празно“ или можеби „сиромашно“. На отворен пат, овој впечаток е за нијанса засилен, поради отсуството на двојната звучна изолација, благодарение на која, до кабината на Cosmo речиси и да не продираат звуците и бучавата од надворешноста. Уште еднаш би потенцирале дека тоа не значи дека Classic III има лош ентериер, далеку од тоа, туку дека изведбата Cosmo има навистина до толку добар и префинет ентериер, кој навистина ја оправдува разликата во цена помеѓу двете изведби.
Останува уште третиот и финален чин на оваа претстава, каде што ќе се задржиме на техничките особености и спецификации на „близнаците“. Напоменавме на почетокот на првиот чин, дека Cosmo има претрпено извесни модификации за подобрување на перформансите и возните својства, па ќе можеме да видиме кој е резултатот од тој мал „проект“.
За поголем приказ на фотографиите, погледнете ја галеријата.
Фотографија: Кристијан Ивановски