Уште едно неочекувано изненадување во Токио – иновативниот Cross Coupe концепт на Volkswagent – многу иновативни технологии и идеи во едно пакување!
Новиот концепт е предвесник на неколку иновативни погонски решенија, кои иако не се уникатни за VW, сепак се интелигентно спакувани и искомбинирани во еден автомобил.
Да започнеме од димензиите – 4345 mm долг, 1688 mm широк и 1523 mm висок, CCC (да скратиме) се наоѓа некаде помеѓу Golf и Tiguan, но со меѓуоскино растојание од 2630 mm, има 52 и 26 mm поголемо растојание помеѓу оските од двата модели, соодветно. Тркалата кои се исфрлени во самите агли од автомобилот му дозволуваат да има максимално искористен простор и пространа внатрешност.
CCC е придвижуван од комбинација од TSI мотор со директно вбризгување и хибриден погон. Хибридниот погон се состои од два електромотори, едниот поставен напред, а вториот позади. Тие произведуваат 54 и 114 коњски сили, како и 180 nm и 270 nm, соодветно. Вкупната моќност е 265 коњски сили, а забрзува до 100 километри на час за седум секунди. Максималната брзина е 200 километри на час.
Интересно е што VW изјавува дека CCC може да помине и до 40 километри исклучиво на електричен погон. Тоа му го дозволува батерискиот уред, кој е поставен меѓу двете оски. Со ова Volkswagen го елиминира карданот кој го спојува моторот со задната оска и го претставува својот систем наречен electric drive shaft. Целосното изоставување на карданот дозволува централно поставување на батериите, пониско тежиште на автомобилот како и еднакво распоредување на тежината врз целиот автомобил.