TЕСТ: KIA Stinger 2.2 CRDi Advance AWD – Корејска интерпретација на германската формула! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

TЕСТ: KIA Stinger 2.2 CRDi Advance AWD – Корејска интерпретација на германската формула!

Новата KIA Stinger е еден од најинтересните нови автомобили – а ние поминавме неколку дена токму со новиот корејски спортски седан!


Дискусијата за Stinger секогаш неизбежно започнува со прашањето „Што е ова?“, одговорот „KIA“ и заклучокот „Бреееј, браво!“ Понатаму дискусијата оди во насоката на дизајнот, опремата, технологиите, задниот погон, педигрето и – неизбежно – цената. Ќе зборуваме и за тоа, секако, но прво малку да ги ставиме работите во вистински контекст.

Ова не е прв „излет“ на KIA во полуксузните сегменти. Не смееме да заборавиме (иако многу од македонските, па и европските купувачи не го знаат тоа) дека KIA на домашниот, корејски пазар и во Соединетите Американски Држави нуди вистински луксузни седани – големите Kadenza и K900. Секако – и таму идејата е иста – да се понудат луксузни седани кои нудат технологии и играчки како Германците, но по значително поприфатлива цена.

Сега KIA реши да влезе во – за себе – нов сегмент. Односно, реши да понуди спортски купе-седан (или купе со пет врати, како сакате) кој ќе понуди динамичност и рафинираност какви што нудат германските конкуренти кои го измислија сегментот, и кои обично имаат лого во некоја кружна форма. Нема да ги споменуваме, но точно знаете за кои производители зборуваме.

Уште на прв поглед – долгата и широка силуета на Stinger изгледа несекојдневно.

Во ред – сега веќе можеме да зборуваме за дизајнот. Уште на прв поглед, Stinger изгледа несекојдневно – ниската и широка силуета е вистинско освежување во време кога стануваат сè попопуларни големи, монолитски SUV-ови, а опаѓачката кровна линија сугерира дека се работи за автомобил со спортски претензии. Во ред, ќе се согласиме со некои критичари кои кажуваат дека Stinger не би го нарекле класично убав автомобил – но не ни треба да биде! Stinger е замислен да испровоцира, да го размрда етаблираниот статус-кво  – и несомнено успева во тоа.

Нам ни изгледа одлично – иако ние би одбрале некоја друга боја наместо белата. Скоро од секој агол има по некој интересен детал – од големите отвори за воздух на предниот дел, па преку купеовската странична линија и хоризонталните задни светлосни групи кои ја истакнуваат широката силуета – ова е дизајн кој не остава никаков сомнеж околу тоа „што се крие одоздола.“

Одлично-опремена кабина со ниско, спортско седење

Ја отвораме вратата и нè пречекува богато опремен ентериер. Се седи ниско, спортски, и по поминати неколку месеци во разно-разни SUV модели убаво е да се потсетиме какви навистина можат да бидат автомобилите – ниски, динамични и наменети за возачите. Квалитетот на материјалите во кабината е на ниво на конкуренцијата кон која цели Stinger – скоро и да нема неквалитетни, груби или цврсти пластики.

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Сè што допревме е покриено со фини материјали и е привлечно текстурирано, а ниту на ергономијата немаме поголеми забелешки. Единствено би посакале мултимедијалниот уред да имаше некаква можност за контролирање освен самиот дисплеј чувствителен на допир – но тоа се веќе ситници. Прегледноста може да биде компромитирана, особено кон задниот дел, но тој проблем се компензира со паркинг-сензори и камера кои – верувајте – значително го олеснуваат маневрирањето на долгиот и широк автомобил.

Предните фотелји се комфорни и нудат одлична поддршка, а на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца или тројца патници, но сепак опаѓачката кровна линија може да биде малку проблематична за „двометрашите“. Приказната за практичен ентериер ја комплетира големата петта врата на  багажниот простор која овозможува лесен пристап до багажникот – кој пак нуди не-баш-спектакуларни, но сосем доволни 406 литри кои нараснуваат на 1114 литри со спуштени задни седишта.

2.2-литарски турбодизел, 200 коњски сили и погон на сите четири тркала

Во ред, време е да возиме. Го притискаме копчето за старт и 2.2-литаркиот 4-цилиндерски турбодизел се буди. Моторот работи рафинирано и тивко, и испорачува сосем респектабилни 200 коњски сили и 445 Nm вртежен момент. Благодарение на автоматскиот менувач со 8 брзини и погонот на сите четири тркала, забрзувањето до 100 километри на час трае 7.6 секунди а забрзувањето ќе запре на максимални 230 километри на час.

Бидете внимателни и во градски услови потрошувачката нема да надмине 10 литри дизел гориво на 100 километри, а на отворен пат е значително пониска.

Управување какво што доликува – неутрално, но подготвено „да заигра.“

Сега е време малку и да се позабавуваме – го префрламе автомобилот во Sport или Sport+ (каде ESP системот за контрола на стабилноста е целосно деактивиран) и се случува суптилна, но забележителна трансформација – управувањето станува нијанса потешко, реакцијата на притискањето на педалата за гас е побрза а менувачот подолго ги „држи“ вртежите пред да префрли во повисок степен на пренос (иако постои опцијата за рачно менување на брзините на лопатките поставени на управувачот). Дури и звукот се менува – аудио системот испорачува подлабок звук во кабината. Да, звукот е синтентички, но не ни пречи тоа. Го насочуваме Stinger кон свиоци и неговиот вистински карактер доаѓа на виделина.

Поврзано:  Официјално започна со работа новиот продажно-сервисен центар на KIA во Македонија!

Цврстата (но не некомфорна) суспензија влева доверба во неговите можности, а големиот седан не стреми ниту кон подуправување, ниту кон надуправување – напротив, се однесува крајно неутрално и само кога педалата за гас ќе ја закопате длабоко во патосникот ќе добиете умерено и контролирано пролизгување на задниот дел во свиоци. Всушност – јасно се гледа влијанието на германските инженери кои KIA/Hyundai ги вработија и им дадоа задача да ги развијат новите платформи со заден погон. Од далеку се гледа дека оваа платформа не само што може да издржи, туку „плаче“ за уште 100-200 коњски сили.

Опрема? Нема што нема!

Опрема? Пфф.. Тука навистина важи онаа изреката – нема што нема. Да започнеме од LED предните светла, големите тркала, кожниот ентериер со загревање и ладење на предните седишта и загревање на задната клупа, па да продолжиме со сончевиот кров, мултимедијалниот уред со навигација, keyless стартување, целата гама на системи за активна и пасивна безбедност, сензорите и камерите за паркирање, Harman Kardon аудио систем со 15 звучници.. Листата како да е бескрајна. Навистина немаме никаква замерка.

Во ред, ајде да зборуваме и за цената. Дискусијата околу цената е сосем оправдана – сепак, цената на едно возило игра огромна улога во одлуката дали тоа ќе биде купено или не, и повлекува директна споредба со конкурентите. Луѓето од KIA се сосем свесни дека со лансирањето на Stinger (и неговите неколку изведби) можеби и нема да „украдат“ купувачи од германската тројка, но од друга страна сосем добро знаат дека ќе ги привлечат оние кои сакаат динамичен спортски седан со многу опрема и „играчки“ по сосем прифатлива цена, и се доволно зрели за значката која стои на поклопецот од моторот да не им биде пресуден фактор.

Поврзано:  ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept - Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

Stinger се наметнува како едно од најпријатните изненадувања оваа година.

Stinger е идеална манифестација на храброста на KIA. Амбицијата да се понуди автомобил кој гордо ќе конкурира на германците е само почетокот на таа храброст – но кога ќе се испорача продукт кој навистина е толку добро размислен и спакуван – тогаш на виделина излегува самоувереноста и довербата во сопствениот продукт. Новиот Stinger е едно од најпријатните изненадувања оваа година – а ние само ќе им подадеме рака на инженерите и дизајнерите од KIA и ќе им кажеме – Браво!

  • Мотор: 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 200  коњски сили / 3800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 440 Nm / 1750 – 2750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 230 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.6 секунди
  • Должина: 4830 mm
  • Ширина: 1870 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1400  mm
  • Тежина: 1774 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2905 mm
  • Багажен простор: 406 – 111 4литри
  • Потрошувачка на 100 км: 9.7 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: KIA Stinger 2.0 T-GDI Advance 2WD A8 – 37.990
  • Цена на тестираниот модел: KIA Stinger 2.2 CRDi Advance AWD A8 – 51.990 Евра
    Повеќе информации: Kiamotors.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.