По хечбекот и караванот, на Megane гамата ќе и се придружи и елегантниот Megane Sedan.
Францускиот производител ги објави првите фотографии од новиот Megane Sedan. Седанот со четири врати ја следи дизајнерската филозофија на Megane и изгледа модерно и привлечно – исто како караванот и хечбекот. Особено интересно изгледаат задните LED светла кои како и на другите верзии се продолжуваат кон централно-поставениот знак на Renault и на автомобилот му даваат уникатен и веднаш-препознатлив заден дел.
Багажниот простор ќе нуди капацитет од дури 508 литри, а дел од понудата ќе биде и Hands-free систем за отворање на багажникот. Инаку, платформата и моторите се исти како и кај досегашните верзии на Megane. Купувачите ќе можат да изберат меѓу два бензински и три турбодизел мотори, во зависност од пазарот. Бензинците се атмосферскиот SCe 115 со 5-степен мануелен или CVT менувач, како и турбо-полнетиот TCe 130 кој ќе се нуди со шест-степен мануелен или седум-степен EDC менувач со двојна спојка.
Гамата на турбодизели ја сочинуваат dCi 90, dCi 110 и dCi 130. Новиот Megane Sedan ќе се произведува во фабриката на Renault во Бурса, Турција, а ќе се нуди во повеќе од 20 земји низ светот.