ПРЕМИЕРА: Новиот голем кросовер на Peugeot – авантгардниот 3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот голем кросовер на Peugeot – авантгардниот 3008!

Пред само неколку моменти францускиот производител го претстави својот нов кросовер кој ќе се впушти во борба со докажаните ривали од Европа и далечниот исток – ова е новиот Peugeot 3008!

Новиот 3008 е значителен напредок во однос на претходникот. Изграден врз новата EMP2 платформа на PSA групацијата, новиот автомобил е и до 100 килограми полесен во однос на минатиот, иако е цели 8 сантиметри подолг и со 6.2 сантиметри поголемо меѓуоскино растојание (вкупно 2675 милиметри). Растојанието од подлогата е зголемено на одлични 22 сантиметри, и Peugeot најавува дека од 3008 можеме да очекуваме теренски перформанси како од посериозен SUV.

peugeot-3008-rear

Стајлингот веднаш евоцира спомени на Quartz концептот кој Peugeot го прикажа во 2014-тата година. Нам ни изгледа одлично – ни се допаѓаат острите агли и равите линии, и од секој агол изгледа похрабро и помускулесто во однос на претходникот (а и многу од директните конкуренти). Бидејќи 3008 е значително подолг од претходникот, луѓето од Peugeot најавуваат зголемен простор за нозете, но и за рамењата на патниците. Просторот за главите е зголемен за дополнителни 36 милиметри, а багажниот простор е зголемен за скоро 90 литри на вкупно 520 литри, односно 1580 литри со спуштени задни седишта.

peugeot-3008-interior

Во ентериерот, новиот 3008 ја добива најновата интерпретација на i-Cockpit кабината на Peugeot. Врвно-опремените модели ќе добијат целосно дигитален панел со инструменти поставен врз екран со дијагонала од 12.3 инчи – и инструментите се целосно прилагодливи според потребите и желбите на возачот. Дополнително, инфозабавниот систем користи уште еден дисплеј, но со дијагонала од 8 инчи за кој од Peugeot најавуваат дека веднаш реагира на сите дадени команди.

Поврзано:  Во салонот на Peugeot пристигна големиот 5008

Секако, 3008 ќе може да се нарача со неколку различни бензински и дизел мотори. Во понудата ќе се најдат 1.2-литарски PureTech со 130 коњски сили во комбинација со автоматски или мануелен менувач, 1.6-литарски THP со 165 коњски сили и 6-степен автоматски менувач, а доколку сакате турбодизел, тука се BlueHDI моторите со зафатнина од 1.6 или 2 литри кои нудат меѓу 100 и 180 коњски сили. Секако, и тука постои опцијата за комбинирање со автоматски или мануелен менувач.

Интересно, со новиот 3008 Peugeot ќе понуди и мал електричен скутер кој можете да го користите за подобрена мобилност, а кој ќе може лесно да се „спакува“ во посебен оддел во багажниот простор и да ги полни батериите додека автомобилот е во движење.

Новиот 3008 ќе се произведува во фабриката на Peugeot во Sochaux, Франција. Официјалното деби е закажано за саемот на автомобили во Париз во Октомври, а продажбата ќе започне кон крајот на истиот месец.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.