Шведскиот производител пред само неколку минути официјално го претстави новиот караван – големиот V90!
Новиот шведски караван ќе се нуди со неколу различни мотори. Понудата на бензинци ја сочинуваат T5 кој нуди 254 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, потоа T6 AWD кој нуди 320 коњски сили, 400 Nm и погон на сите четири тркала, како и врвниот T8 AWD кој во хибридна комбинација нуди вкупно 407 коњски сили и вкупно 640 Nm вртежен момент. Доколку се одлучите за турбодизел, во понудата ќе ги најдете D4 со 190 коњски сили и 400 Nm, како и помоќниот D5 AWD со 235 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Сите мотори се со зафатнина од 2 литри и имаат по четири цилиндри.
Големиот V90 е долг 4936 милиметри, широк 2019 милиметри и висок 1475 милиметри, и има меѓуоскино растојание од 2941 милиметар, а на возачот и патниците им стојат на располагање вкупно 1526 литри багажен простор – одлични бројки кои ветуваат многу комфор и практичност. Бидејќи е базиран на Scalable Product Architecture платформата на Volvо, брендот има многу различни опции за опремување на автомобилот.
„Имаме навистина силна понуда со V90. Нашата PowerPulse технологија е дизајнирана да понуди зголемени перформанси кај турбодизел моторите, а T8 Twin Engine бензинскиот хибрид ќе нуди околу 410 коњски сили и електрична автономија од 50 километри“ – изјави Dr. Peter Martens, одговорниот за истражување и развој во Volvo Cars.
PowerPulse технологијата доаѓа како дополнителен механизам со цел да го елиминира таканаречениот турбо-лаг. Иако моторите веќе имаат варијабилни турбини, Volvo им додаде и електричен компресор кој има посебен резервоар. Компресорот повлекува воздух и го складира во дволитарски резервоар. Кога возачот силно ќе ја притисне педалата за гас се отвора вентил кој под силен притисок ослободува воздух во издувниот систем, го забрзува турбото и резултира со дополнително намалување на несаканиот турбо-лаг.
Новиот V90 ветува многу простор, одличен дизајн и модерни технологии. Плус, нам навистина ни изгледа одлично и со нетрпение ја чекаме можноста да седнеме зад воланот.