Францускиот производител ги објави сите детали околу моторите кои ќе ги вградува во својот нов знаменосец – големиот седан кој ја носи ознаката Talisman.
На самиот почеток, знаменосецот на Renault ќе се нуди со три дизел и два бензински мотори, но не се исклучува можноста понатаму да се додадат дополнителни мотори во гамата. Моторите кои ќе се нудат имаат на располагање меѓу 110 и 200 коњски сили.
Дизелсата понуда започнува со 1.5-литарскиот Energy dCI 110 кој нуди 110 коњски сили и 260 Nm вртежен момент достапни од 1750 вртежи во минута. Овој мотор ќе се комбинира со 6-степен мануелен менувач и е најекономичниот во понудата – ветува комбинирана потрошувачка од 3.6 литри на 100 километри. Максималната брзина која ќе може да се постигне со овој мотор е 190 километри на час.
Следниот турбодизел е 1.6-литарскиот Energy dCi 130 – избор кој очекуваме да биде најпопуларен на пазарот. Овој мотор нуди 130 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, исто така достапни од 1750 вртежи во минута. Овој мотор ќе на почетокот ќе се нуди со шест-степен мануелен, но понатаму ќе се нуди и со шест-степен автоматски менувач. Овој мотор ветува комбинирана потрошувачка од 3.9 литри на 100 километри.
Најмоќниот турбодизел во понудата е 1.6-литарскиот Energy dCi Twin Turbo – кој испорачува 160 коњски сили и одлични 380 Nm вртежен момент, повторно од 1750 вртежи во минута. Според Renault, турбината со ниска инерција овозможува брз старт и одлична респонзивност на ниски вртежи, додека втората, поголема турбина овозможува поагресивно забрзување на високи вртежи. Овој мотор ќе се нуди со 6-степен EDC автоматски менувач со двојна спојка, и би требало да троши 4.4 литри на 100 изминати километри.
Основниот бензинец во понудата е 1.6-литарскиот Energy TCe 150 EDC кој нуди 150 коњски сили и 220 Nm вртежен момент достапни од 2500 вртежи во минута. Погодувате, овој мотор се нуди со 7-степен EDC менувач и би требало да троши само 5.6 литри бензин на 100 километри. Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за 9.6 секунди, а максималната брзина е 215 километри на час.
На самиот врв на понудата во Talisman е 1.6-литарскиот Energy TCe 200 EDC кој нуди 200 коњски сили и 260 Nm вртежен момент од 2500 вртежи во минута. Овој мотор е изведба на RenaultSport-овиот мотор со директно вбризгување и му овозможува на Talisman да постигне 100 километри на час за 7.6 секунди. Овој мотор, во комбинација со EDC менувачот со двојна спојка ќе троши само 5.6 литри на 100 километри.
Ние се надеваме дека големиот седан на Renault наскоро ќе пристигне и кај нас, и дека ќе имаме можност и ние да седнеме зад воланот.