Mitsubishi i-MiEV е првиот сериски произведен електричен автомобил во светот, а Мак Аутостар го донесе овој несекојдневен и интересен автомобил и во Македонија!
Компактниот градски автомобил со погон на струја ветува автономија од околу 160 километри – повеќе од доволно да се задоволат потребите за неколкудневно градско возење. Секако, адути на малиот i-MiEV се и футиристичкиот дизајн и компактните пропорции, но и одличната еколошка прифатливост – бидејќи е целосно електрично возило, овој автомобил има нула емисија на штетни гасови.
Задолжена за складирање на електричната енергија е литиум-јонска батерија со висок капацитет, а самите батерии се наоѓаат под подот на автомобилот. Како што напоменавме, автономијата е околу 160 километри, а максималната брзина е 130 километри на час. Според Мак Аутостар, 100 километри со полнење на струја чинат околу 35 денари!
Батеријата се полни на обичен приклучок за шест часа, односно може да се наполни до 80% од капацитетот за 30 минути ако е на брз полнач. Ова е прилично успешен модел на Mitsubishi, бидејќи досега во светот се продадени околу 30.000 примероци на малиот градски електричен автомобил. Цената на Mitsubishi i-MiEV во Македонија е 25.980 евра, а ние наскоро ќе имаме можност и самите да го тестираме i-MiEV, па ќе ги пренесеме и нашите импресии.