Audi претстави нова верзија на Prologue концептот, овој пат во Allroad изведба – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi претстави нова верзија на Prologue концептот, овој пат во Allroad изведба

Третата изведба на Prologue е во Allroad изведба, а концептот е придвижуван од plug-in хибриден погон со 734 коњски сили!

Како и претходните два концепти – Prologue купето и Prologue Avant, и Prologue Allroad продолжува да го најавува идниот дизајнерски јазик на брендот. Сепак, бидејќи зборуваме за Allroad изведба, концептот е 77 милиметри повисок во однос на другите два и има малку поробустен изглед.

Под поклопецот се крие твин-турбо 4-литарски TFSI V8 бензинец кој соработува со електромотор за вкупна системска моќност од 734 коњски сили и 900 Nm вртежен момент. Секако, силата се пренесува кон Quattro погон на сите четири тркала, преку осум-брзински автоматски менувач. Во задниот дел на автомобилот се наоѓа батерија со капацитет од 14.1 kWh која овозможува автономија на струја од 54 километри. Батеријата може да се полни преку стандарден приклучок, но и безжично – Audi во моментов работи на технологија за безжично полнење на своите возила.

Според Audi, на концептот му се потребни 3.5 секунди „до стотка“, но истовремено тврдат дека потрошувачката на гориво изнесува неверојатни 2.4 литри на 100 километри, а емисијата на CO2 е само 56 грама на километар. Интересно е дека Audi навестува дека овој погон би можел да се најде во идни верзии на Porsche Cayenne и Bentley Bentayga теренците.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.