Врвната изведба на новиот премиум SUV на Volvo доаѓа со многу опрема и четири индивидуални седишта – како во големите супер-луксузни лимузини!
Иако однадвор XC90 Excellence изгледа идентично како и секој друг XC90, вистинските квалитети се кријат во ентериерот – распоредот со пет седишта е заменет со конфигурација со четири индивидуални седишта, а на задните две седишта има функција за вентилација и масажа. Патниците на задните седишта сега имаат повеќе простор занозете, како и многу опции за забава и работа – во задните седишта има преклопливи масички, загревани и ладени држачи за пијалоци, фрижидер и рачно-изработени кристални чаши направени во Шведска, од брендот Orrefors.
Дополнително, врвниот XC90 добива и подебела изолација во предниот дел, како и гуми на Pirelli кои значително ја намалуваат бучавоста, а сето ова е со цел кабината да биде колку што е можно потивка. Листата на подобрувања не завршува таму – има и доработен клима уред со јонизатор, Bowers & Wilkins аудио систем со 19 звучници, амбиентално осветлување и дополнителни детали обвиени со кожа.