Планот на синиот овал за ревитализација на брендот, намалување на трошоците и нудење на нови продукти е во полн ек – ќе ја намалат бројката на платформи на 8, а до крајот на оваа година ќе лансираат 15 нови продукти!
Користењето на една платформа за повеќе различни продукти не е ништо ново – всушност, многу од производителите веќе сериозно работат на стандардизирање на платформите со цел да се намалат трошоците и комплексноста. Ford планира да ја намали глобалната бројка на платформи кои ги користи за своите возила од 27 на вкупно 8 платформи!
Под-претседателот за глобално планирање – Raj Nair – веќе најави дека бројката ќе се намали на 9, но претседателот на Ford – Mark Fields – дополнително најави дека таа бројка ќе се намали за уште една платформа – и брендот ќе има вкупно осум. Ford има не помалку од 15 премиери на светските пазари оваа година – седум нови модели ќе бидат претставени во Северна Америка, четири во Јужна Америка, десет во Европа и 18 во Азија и Пацификот – нека не ве бунат бројките, некои од моделите ќе бидат претставени во повеќе од еден пазар.
Според Fields, 2015-тата е значајна година за Ford. Тој изјави – „во 2015-тата ќе останеме доследни на нашите приоритети. Ова е значајна година за нас и очекуваме значителен раст – а тој раст ќе се базира на одличните продукти.“