Новиот FXX K на Ferrari всушност е дел од FXX програмата на Маранело која ги користи овие автомобили за темелно да ја провери новата технологија и новите идеи кои ќе бидат дел од следните сериски автомобили на брендот!
Автомобилот кој Ferrari официјално го нарекува FXX K Research & Development Programme ќе биде претставен следниот викенд во Абу Даби. Автомобилот кој всушност е технолошка лабораторија е базиран врз првиот хибриден модел на Ferrari – моделот LaFerrari – и ќе се појавува по светските тркачки патеки од следната година. Буквата „К“ во името го означува KERS системот за користење на кинетичката енергија на автомобилот со што се максимизираат перформансите.
Бидејќи FXX K не е ограничен од правилата за хомологација, ниту пак тркачките регулативи, FXX K никогаш нема да биде употребен во официјални трки. Всушност, автомобилот е развиен без никакви компромиси и користи технолошки иновации кои гарантираат ненадминато возачко искуство – но само за одбраната група тест-возачи кои всушност се клиенти на Ferrari.
Автомобилот нуди вкушно 1050 коњски сили – 860 доаѓаат од бензинскиот V12 мотор, а 190 од електромоторот. На располагање стојат и „повеќе од 900 Nm“ вртежен момент. Дополнително, тука е и HY-KERS системот кој е развиен исклучиво за да нуди повеќе перформанси, а опциите се избираат преку Manetinno прекинувачот псотавен на централната конзола – тука е Qualify режимот кој нуди максимални перформанси за одреден број кругови, Long Run режимот кој ја оптимизира конзистентноста на перформансите, Manual Boost кој нуди инстантно испорачување на вртежен момент, и Fast Charge режимот кој нуди брзо полнење на акумулаторот.
Новиот бодикит исто така ветува импресивни перформанси, а истовремено му дава на FXX K изглед кој изгледа како да не е од овој свет. Новиот бодикит нуди 50% повеќе потисна сила во „low drag“ режимот. Всушност – има 540 килограми повеќе потисна сила при 200 километри на час!