GTE фамилијата на Volkswagen расте – по хибридниот Golf GTE, Volkswagen го претстави и хибридниот Passat GTE кој има на располоагање вкупно 218 коњски сили и ќе троши само 2 литри на 100 километри!
Passat GTE е базиран на новата, осма генерација на Passat и е третиот Plug-in хибрид на Volkswagen – по експерименталниот XL1 и Golf GTE, кој веќе го спомнавме. Продажбата треба да започне на средината на следната година, а ќе се нуди во форма на седан и караван.
Визуелно GTE се разликува од обичниот Passat по сините детали, рестилизираниот преден браник и поголемите тркала. Ентериерот добива сино амбиентално осветлување, редизајнирана рачка на менувачот и уникатно-изведен управувач. За придвижувње е задолжен 1.4-литарски TSI бензинец кој испорачува 156 коњски сили и кој соработува со електромотор кој нуди дополнителни 115 коњски сили и 400 Nm. Вкупната, комбинирана системска моќност е 218 коњски сили, а силата ќе се пренесува преку шест-степен DSG менувач со двојна спојка.
Според Volkswagen, просечната потрошувачка ќе изнесува само 2 литри гориво на 100 километри. Со полн 50-литарски резервоар и полна батерија, автомобилот има автономија од 1000 километри. Забрзувањето до 100 километри на час трае помалку од 8 секунди, а максималната брзина е 220 километри на час.
Passat GTE ќе може да помине до 50 километри само на струја, а полнењето во домашни услови би требало да трае нешто повеќе од 4 часа. Доколку купувачот набави посилен полнач, времето за полнење се скратува на 2 часа и 30 минути.