Иџе не само што победи на 11-тата трка во овогодинешниот шампионат која се одржа во Словенија, туку и постави нов рекорд!
Игор Стефановски – Иџе уште еднаш ја потврди својата супериорна европска класа со осмата победа во групата Н во 11-та трка од Европскиот шампионат на ридски патеки која се возеше во Илирска Бистрица, Словенија. По обезбедувањето на европската шампионска титула во Категоријата 1 на две трки пред крајот на сезоната, настапот во Словенија за Стефановски и неговото Mitsubishi Lancer Evo IX беше формалност и прилика да се научи патеката. Но, нашиот спортски херој сакаше уште еднаш да ја потврди својата вредност посебно поради силната конкуренција во Словенија во групата Н.
Цела сезона Стефановски го чекаше и посакуваше директниот дуел со минатогодишниот европски шампион, Хрватот Томислав Мухвиќ. Сепак, откако ги пропушти првите две трки од сезоната поради технички проблеми, Мухвиќ се откажа од одбраната на титулата и настапуваше само во домашното првенство. Конечно, Стефановски и Мухвиќ за прв пат сезонава се сретнаа токму на оваа трка во Словенија. Дополнително, исто така за прв пат сезонава, Стефановски за противник го имаше и италијанскиот шампион во групата Н, Микеле Буиати.
Нашиот нов спортски херој покажа кој е кој во групата Н уште на првото возење. Со време од 2:26.05 постави нов рекорд на патеката за возила од групата Н оставајќи го Мухвиќ 1,13 секунди позади себе. Во второто возење Стефановски постигна време од 2:26.36 со што стигна до нов триумф со вкупно време од 4:52.41. Мухвиќ заврши втор со вкупно време од 4:55.09, а трет Чехот Јиржи Лос со вкупно време од 4:56.39. Италијанецот Буиати комплетно разочара заостанувајќи по 4 секунди во двете возења зад Стефановски.
– Оваа сезона имавме многу важни и тешки победи, но во моментов оваа во Илирска Бистрица ја чувствувам најдрага токму поради конкуренцијата што ја имав. Победувајќи ги и ланскиот европски првак и италијанскиот шампион дефитивно уште еднаш покажавме дека навистина сме најдобри во Европа во нашата конкуренција и со право го освоивме европскиот наслов – ни изјави Иџе по победата во Словенија.
– Имајќи во предвид дека ова е прва трка на која допатувавме со веќе обезбедена европска титула, добивме честитки од сите вклучувајќи ја и најголемата ѕвезда во овој спорт Италијанецот Симоне Фаџиоли кој исто како мене ја обезбеди шампионската титула во Категоријата 2. Организацијата беше на врвно ниво, патеката беше одлично подготвена, беше многу техничка, токму од оние патеки кои најмногу ми лежат сезонава.
Малата екипа на Стефановски се враќа за Македонија, а до крајот на сезоната ќе има уште еден настап од оваа сезона во Бузет, Хрватска која е на програмата за три недели. Новиот европски шампион има намера на последната трка да организира навивачки карван и заедно со своите фанови да ја прослави титулата.
– Се надевам дека ќе успеам да организирам патување на навивачи на последниот настап во Хрватска. Сакам титулата да ја прославам заедно со луѓето кои ме поддржуваа во текот на сезоната и со своите верни веднаш по минувањето на целнта на патеката во Бузет – додаде популарниот Иџе!
Фотографија: АКК ПроСпорт