Peugeot го откри моделот со кој ќе ја прослави 30-годишнината на GTi во својата историја – а моделот е несекојдневна и екстремна изведба на 208 GTi!
Моторот кој обично го придвижува 208 GTi е дополнително доработен и навиен да испорачува 208 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Моќта се пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач и Torsen диференцијал со ограничено пролизгување преземен од спортскиот Peugeot RCZ R. Благодарение на помоќниот мотор, 208 GTi 30th Anniversary забрзува до 100 километри на час за 6.5 секунди. Интересно е што и покрај спортските перформанси, Peugeot ветува само емисија од штетни гасови од само 125 грама CO2 на изминат километар.
Автомобилот е 10 милиметри пониско до подлогата, предната трага е проширена за 22 милиметри а задната за 16, а одговорни за држењето на патот се 18-инчни тркала обвиени во спортски гуми. За уникатниот стајлинг се задолжени мат-црни обрачи околу предната маска и светлата за магла, како и црни странични прагови, проширувања на крилата и ретровизори. На задниот дел двоен хромиран завршеток на издувниот систем и големиот спојлер го издвојуваат од обичниот 208 GTi.
Продажбата ќе започне во Ноември оваа година. Среќен роденден GTi!