За прв пат во историјата – Mini со пет врати! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

За прв пат во историјата – Mini со пет врати!

За прв пат во својата историја, легендарниот Mini ќе се нуди со пет врати. Моделот базиран на третата генерација „ново“ Mini би требало да привлече купувачи кои го сакаат шармот на Mini, но сакаат и малку повеќе практичност!

Моделот ќе се вика едноставно Mini 5 Door, и ќе се појави во продажните салони оваа есен. Како што напоменавме, базиран е на третата генерација од „новото“ Mini, но е дополнително продолжено за да може да се смести задниот ред врати. Меѓуоскиното растојание е продолжено 72 милиметри, а целата каросерија е 161 милиметар подолга. Пет-вратното Mini е и 11 милиметри повисоко од обичното.

Сето ова „зголемување“ е направено со цел Mini да стане малку попрактично возило. Во внатрешноста има 15 милиметри повеќе простор за главите, но и 61 милиметар повеќе ширина. На задната клупа има 72 милиметри повеќе простор за нозете, а багажниот простор расте за 30%, односно 67 литри за вкупно 278 литри зафатнина.

Моторите се директно наследени од моделот со три врати и во Европа ќе се нудат четири различни мотори – 135-коњски, 3-цилиндерски бензинец со зафатнина од 1.5 литри кај Cooper, 192-коњски, 2-литарски 4-цилиндерски бензинец за Cooper S, 1.5-литарски 3-цилиндерски турбодизел со 116 коњски сили за Cooper D и 170-коњски 2-литарски турбодизел кај Cooper SD. Секако, најбрз e Cooper S кој достигнува 100 километри на час за 6.9 секунди и постигнува максимална брзина од 232 километри на час.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.