Ако инженерите од Fiat знаат нешто да го направат добро, тоа е да направат мало градско возило кое се издвојува од конкуренцијата. Тоа го направија со минатата Panda, дали приказната повторно ќе биде успешна?
Претходните генерации на Panda (кои ги имаше само две) се покажаа навистина успешни во нивните 30-тина години продажба, и продадени се повеќе од 6.5 милиони парчиња од малиот градски автомобил. За новата генерација Fiat има големи очекувања, а според тоа што до сега го знаеме, веруваме дека тие очекувања ќе бидат исполнети.
Малку подолга од својот претходник, новата Panda е долга 3650 mm, широка 1640 mm, а висока 1550 mm. Тоа сигурно ќе придонесе за повеќе простор во внатрешноста. Очекуваме Panda одлично да се снаоѓа во градски услови заради компактните димензии, како и големите стаклени површини кои ветуваат одлична прегледност.
Овој пат ќе бидат достапни и нови мотори. Fiat сега ќе ги нуди и малите „моторчиња“ од 900 кубни сантиметри и два цилиндри, од кои што едниот е „засилен“ од турбо полнач, па тие испорачуваат 65 и 85 коњски сили, соодветно. Секако, тука се и познатите 1.2 литарски бензински агрегат со 69 коњски сили, како и малиот 1.3 литарски MultiJet дизел со 75 коњски сили.
Интересно е што овој пат Fiat ќе нуди и верзија на 0.9 литарскиот турбо мотор која ќе работи на бензин и метан, како и бензинска/LPG верзија од 1.2 литарскиот мотор.
Нам ни останува да ја почекаме премиерата на новата Panda во Македонија, па да ви ги пренесеме и нашите импресии. Дотогаш, уживајте во галеријата, и ако сакате, приклучете се во дискусијата за новата Panda на нашиот форум!