Ги видовме однадвор (чин I-ви), ги видовме и однатре (чин II-ри), па конечно дојде времето да видиме како резултираше споредбата на перформансите на овие „близнаци“.
Чукна последниот час за оваа престава, која се одвиваше во три чина. Сега, за крај ќе ги прикажеме нашите наоди при краткиот тест на перформансите на овие два, навидум идентични автомобили.
Веќе напоменавме дека кај Cosmo изведбата, се направени извесни модификации за подобрување на перформансите на моторот, кој кај двата модели е бензинец со идентична зафатнина од 1.4 литри и моќност од 90 КС. Но, пред да ги презентираме модификациите на Cosmo, да ја посочиме техничката разлика уште „од фабрика“, која оди во полза на Cosmo, односно, присуството на систем за стабилност и контрола на пролизгувањето (ESP), и диск-сопирачки на задните тркала. Кога сме кај тркалата, да споменеме дека двете возила возат гуми со димензии 205/55 R16, со тоа што Cosmo се тркала на Continental Premium Contact, а Classic III на Good Year Eagle.
Па ајде конечно да видиме за што се работи, може? Може :)
Модификациите кај Cosmo се состојат од: замена на фабричкиот филтер за воздух и инсталација на високо-перформансен филтер од K&N, замена на доводот за воздух со ОРС „труба“, Sprint Booster, чип-тјунинг од Revochip, замена на задниот издувен лонец, со спортски издувен систем АЅЅО итн…
Импресивно зарем не? Ваков ентузијазам можат да имаат само вистинските и искрените љубители на автомобилите!
Classic III нема ваква „експериментална програма“ под хаубата, што се разбира дека не значи дека сопственикот не спаѓа во горенаведената група на луѓе, туку дека едноставно е прашање на време, кога сопственикот „ќе се фати на оро“ :)
Па, да видиме дали сите тие модификации на Astra Cosmo, навистина прават огромна разлика во реалниот свет. Поради неможноста да се онеспособи ESP системот на Cosmo, не беа извршени мерења на забрзување од 0 до 100 km/h, туку мерењата до 100, беа со „летечки старт“, со почетна брзина од 30 km/h. Меревме еластичност на моторот, од 60 – 100 km/h во 4-рт степен на пренос и потрошувачка на гориво. Направени беа по две мерења со двете возила, на истата делница, при што самите сопственици си ги возеа своите миленичиња, а ние имавме улога на судии. Ги добивме следниве резултати:
Забрзување 30-100 km/h („летечки старт“):
Astra Cosmo: 12,87 s ; 12,78 s
Astra Classic III: 12,82 s ; 12,64 s
Еластичност на мотор (60-100, 4-степен):
Astra Cosmo: 13,90 s
Astra Classic III: 13,45 s
Потрошувачка на гориво (просек):
Astra Cosmo: 5,5 l/100 km (гориво од Макпетрол, БС 95)
Astra Classic III: 5,2 l/100 km (гориво од Макпетрол, БС 98)
И сега? Каде лежи зајакот? Зарем сопственикот на Astra Cosmo залудно си ги потрошил парите?? Ни под разно!!
Мора да се земе предвид, дека се работи за нисколитражен атмосферски бензинец, изработен со релативно застарена технологија, па затоа просторот за подобрување на перформансите преку чипување е речиси маргинализиран, отколку да речеме, кај бензинците кои имплементираат помодерна технологија (иако и тука не би требало да се очекува преголема разлика), или пак турбо-бензинците, кои „плачат“ за ваква модификација. Филтерот му овозможува полесно дишење на моторот, но не треба да се очекуваат чуда од него. Но, како и да е, чипувањето, филтерот и SprintBooster-от ја прават оваа Astra да се чувствува многу поживо, поагресивно и поагилно, од „обичната“ Astra, со што феноменално многу се зголемува задоволството во возењето. А тоа е она, за што сеуште нема измислено единица мерка, а е од исклучително голема важност. Друг фактор од огромна важност во оваа споредба, е тежината на Astra Cosmo, која беше драстично потешка, пред се’ поради седиштата Recaro (кои, рака на срце, злато вредат), двојната звучна изолација, полниот резервоар и целокупната фотографска опрема во гепекот. И се разбира, клучниот фактор во целава споредба е возачот и неговиот стил и начин на возење. Сето ова не е наменето да се „оправда“ Astra Cosmo, туку едноставно за да се добие што пореална и пообјективна претстава за оваа споредба, и за различноста на двете близначиња. Но, за навистина да се направи разликата, мора да се почувствува. Чувството кое го нуди Astra Cosmo е неколку скалила над чувството кое го нуди Astra Classic III, кое, да бидеме искрени, воопшто не е за потценување.
На крајот, би сакале од се’ срце да им се заблагодариме на нашите членови djidji и KaZaN, и нивната придружба, за несебичната соработка, ентузијазмот, одвоеното време и одличната дружба. Ви благодариме! Завесата може да се спушти.
Фотографија: Кристијан Ивановски